СВЛ Конкурс 2020: Наградени есеи

Средношколската видео лектира (СВЛ) од Едукативната програма на ФФФ, и покрај сите предизвици оваа година, беше реализирана минатиот месец во онлајн формат, во соработка со Cinesquare. Есеите оваа година беа инспирирани од уште еден неодминлив филмски класик „Со среќа Балтазар“ на францускиот режисер Робер Бресон, на тема „СО СРЕЌА БАЛТАЗАР“: ПОГЛЕДОТ НА ЖИВОТНОТО – ПОГЛЕД ВО ЧОВЕЧКОТО СРЦЕ.

По посветената работа на трочелната Комисија во состав проф. д-р Слободанка Марковска, проф. д-р Вангел Ноневски и дипл. проф. по филозофија Слаѓан Пенев, ги имаме имињата на учениците на победничките есеи. Конкурсот, како и секоја година, беше анонимен (комисијата ги добива есеите само со реден број, без име и презиме на учениците) и одлучува според следниве критериуми: оригиналноста на пристапот кон зададената тема; квалитетот на анализата на проблемите третирани во есејот; нивото на демонстрирани филозофски знаења; соодветна употреба на поимната апаратура; аргументациските аспекти и стилските белези на есејот; поврзаноста и релевантноста на есејот со филмската тема.

Наградени ученици на петтото издание на СВЛ во рамките на Филозофскиот филмски фестивал се:
—————————————————————-

Трето место: ФРОСИНА МИЛОШЕВСКА
(ментор: Виолета Серафимовска), СУГС ,,Никола Карев“ – Скопје

Второ место: ТЕОНА СИМА
(ментор: Јулијана Јолевска), СУГС „Орце Николов“ – Скопје

Прво место: ХРИСТИЈАН МИЛАНОВСКИ
(ментор: Сунчица Здравкова), СОУ „Кочо Рацин“ – Свети Николе

—————————————————————-

Честитки до тројцата наградени ученици, како и до нивните ментори! Учениците ќе бидат контактирани од Фестивалот и професорите за подигнувањето на богатите награди: едногодишни степиндии од Интернационален Универзитет Еуропа Прима (поранешна ЕФТА/ЕСРА), ДВД-а од македонски филмови и списанието „Кинопис“ од Кинотека на Северна Македонија, литература од француски автори во соработка со Француски институт во Скопје – Institut français de Skopje, филозофска литература од издавачката куќа Аз-Буки, книги и списанија од областа на филозофијата и филмот од Филозофско друштво на Македонија и ваучери во финансиска вредност од 6000, 3000 и 1500 ден. соодветно, во соработка со нашите институционални покровители: Министерство за култура и Агенцијата за филм. Победничкиот есеј исто така ќе биде објавен и во националното филозофско списание „Филозофска трибина“.

Им посакуваме многу идни успеси на сите учесници во Конкурсот и нивните ментори, и со радост гледаме на вашите идни истражувања во областа на филозофијата и филмот!

Ви ги пренесуваме и одлуките на жирито во составна жирито во состав проф. д-р Слободанка Марковска, проф. д-р Вангел Ноневски и дипл. проф. по филозофија Слаѓан Пенев, селектор на програмата Европски филмски перспективи во рамки на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ за наградените есеи:

Трето место: Фросина Милошевска

Есејот под реден број 2 зафаќа еден специфичен религиозно-филозофски пристап кон анализата на филмот „Со среќа Балтазар“. Воочувајќи дека „мајката“ на магарето, Мари, ја симболизира улогата на Богородица (го крштева како свој син), а Балтазар е осуден на континуирано страдање, авторот/авторката одлично заклучил/а дека магарето е своевидна филмска персонификација на Исус. Згора на тоа, дадена е и кратка и прецизна критика на антропоцентризмот, зашто се забележува дека магарето постојано му служи и бива омаловажувано, но и сакано од луѓето, кои го користат само за задоволување на своите потреби. Логично на тоа, авторот/авторката доаѓа до доследно исходиште дека филмот, всушност, го одразува страдањето како една константа на животот, а тоа го поврзува со изворното учење на „првиот егзистенцијалист“ – Буда. Сѐ на сѐ, се работи за одличен есеј, кој заслужува да биде награден.

Второ место: Теона Сима

Во есејот под реден број 4 доаѓаат до израз не само филозофската и книжевната наобразба на авторот/авторката туку и упатеноста во филмската уметност како и информираноста за модерните заложби за правата на животните. Есејот се одликува со јасен и прецизен стил на пишување и со оригинален пристап. Имајќи ја предвид специфичната филмска естетика на Бресон, симболиката, слоевитоста и многуте можни толкувања на неговиот безвременски класик „Со среќа Балтазар“, авторот/ката во својот филмософски есеј се потпира врз сопствената емотивна рецепција на филмот, а анализата се сосредоточува на релацијата меѓу животните и луѓето. Укажувајќи на различностите и сличностите во природата на животните и човечката природа, во есејот е присутна критика на антропоцентризмот формулирана во ставот дека при секоја аналогија со животните човековата егзистенција е во центарот на вниманието. Во таа смисла, заклучокот на авторот/авторката е дека филмот на Бресон носи моќна порака според која начинот на кој ги третираме животните е одраз на нас самите, па оттаму погледот на животните е поглед на човековото срце. Критикувајки го егоизмот и безмилосното искористување или малтретирање на животните, есејот содржи пледоаје за заштита на животните прифаќајки го аргументот на Питер Сингер дека „ослободувањето на животните е всушност ослободување на луѓето“.

Прво место: Христијан Милановски

Есејот под реден број 9 се издвојува со високо ниво на филозофски знаења, соодветно поврзани со релевантни теми од областа на филмот и литературата, што резултира со солидна употреба на поимната апаратура во обработката на зададеното филмско четиво. Авторот/авторката на есејот демонстрира познавања на широк опфат теми од современата култура, самоувереност во зафаќање со различните концепти на аргументација, како и отвореност за слободата во толкувањата на уметноста. Претставувањето на едно филмско дело од повеќе аспекти кои ги истакнува или затскрива неговиот автор, поткрепувајќи ги со конкретни, историски и современи потврдени авторитети, покажува на владеење на авторот/авторката не само со основен, туку и надграден теориски и категоријален апарат потребен за анализа на едно уметничко дело.
Преку дијалог со истакнати уметници од областа на филмот и литературата, како и со современи и антички филозофи и етичари, есејот се занимава со односот меѓу уметноста и стварноста, вечните дилеми на човечкото однесување кон другите луѓе и другите суштества, но и критичка нота кон современиот начин на живот, своеволното бегство од слободата во правец на конформизмот диригиран од трендовите на социјалните мрежи. Со сево ова младиот/младата автор/авторка на овој импресивен есеј ни покажува дека повторно филмовите, а особено делата на големите филмски творци, не само што овозможуваат уживање во доживувањето на едно уметничко дело, туку и убавина во креативната, критичката, филозофската интерпретација на уметноста. Се надеваме дека наградата за ова дело ќе биде дополнителна инспирација за понатамошно и потемелно истражување на суштинските врски меѓу филмот и филозофијата.

Related Post