Специјално признание „Стефан Сидовски – Сидо“

10. роденденско и хибридно издание на Филозофскиот Филмски Фестивал е посветено на нашиот професор, член на Организацискиот одбор на Фестивалот до минатата година и негов пријател од самиот почеток, проф. д-р Стефан Сидовски. Човекот кој се наоѓа токму на изворот на оваа синергија на филозофијата и филмот во Македонија и чиешто дело се надеваме дека ќе инспирира и други млади автори, од двете области, во иднина да зачекорат по неговите стапки и да продолжат да ги градат мостовите помеѓу филмот и филозофијата. Професорот го носи звањето „Мајстор на аматерскиот филм“, највисоката титула што ја доделува Кино сојузот на Македонија, и е првиот човек во нашата земја кој академски ја истражува областа на филм-филозофијата, преку неговиот магистерски труд „Естетската суштина на филмскиот кадар“ (1995) и докторската теза „Естетиката и дијалектиката во монтажата на филмот“ (2001).

Оваа година, покрај онлајн прикажувањето на првиот професионален филм на професорот, ОБРАЗ во рамките на Пролетните онлајн миграции (овој филм, како и многу други од Сидовски можете да ги погледнете на YouTube каналот: https://tinyurl.com/y9uqk2ct), Фестивалот за прв пат востанови Специјално признание „Стефан Сидовски – Сидо“ во Официјалната селекција на краткометражни филмови, чиј прв добитник оваа година е германската режисерка Софи Линенбаум (Sophie Linnenbaum) со краткиот филм РОЗЕВО ВЕТУВАЊЕ (Pinky Promise / Das Mensch). Софи ќе ја добие плакетата „Стефан Сидовски – Сидо“, изработена според фотографија на македонскиот фотограф Сашо Н. Алушевски. Истовремено, по иницијатива на македонската уметница Соња Чингарова Фотева, ученичка од првата генерација во СУГС „Раде Јовчевски – Корчагин“ на која професорот Сидовски е класен раководител, како подарок ќе ја добие и уметничката слика, „Лавиринт во поле од црн афион 2“ (2019 год., 70×70 cm) од изложбата Мандала Милци. Фотева секоја година во рамките на оваа награда ќе доделува уметничка слика, а повеќе за изложбата можете да пронајдете на следниов линк: https://tinyurl.com/yaz65ju8

СОФИ ЛИНЕНБАУМ (Sophie Linnenbaum) е родена во Нирнберг и ги завршува своите студии во областа на психологијата. Нејзините кратки филмови се прикажувани на национални и интернационални фестивали, како наградуваниот [OUT OF FRA]ME (2016) или DUOLOGUE (2016) кој беше премиерно прикажан на Берлинскиот филмски фестивал а потоа беше и на Канскиот филмски фестивал во 2017. Нејзиниот краток филм PIX беше награден со Германската награда за краткометражен филм 2017. Линенбаум студира режија на Универзитетот во Бабелсберг (Film University Babelsberg).

РОЗЕВО ВЕТУВАЊЕ

Никогаш не е погрешно да се направи вистинската работа. Впрочем, дали?

Јастози, торти и прекршени ветувања. Сара и нејзините родители прославуваат во ресторан. Одбивајќи да го изеде јастогот на нејзината чинија, Сара го сокрива под масата. Но, секоја акција има свои последици, па кога ќе открие татко и, сметката може да биде бизарна и ужасна.

Немилосрдна сатира за тенката линија помеѓу правилното и погрешното (и како тие можат да видат вистинити во исто време), како и за парадоксалноста на моралната ригидност.

Нашето жири (Стефан Палитов, Станислав Лигужињски, Стефан Видиков) за филмот:

„РОЗЕВО ВЕТУВАЊЕ ја пресвртува летаргијата на високата класа со игрива деконструкција на тиранијата на социјалните договори. Дискурзивно соочувајќи се со основите на политичкото, филмот се движи вешто помеѓу комичната нота и неопходната рефлексија за личната и колективната одговорност. Редуцирајќи ги принципите на апсурдни искази, филмот го открива ритуалот на меѓугенерациска иницијација во одржувањето на статус квото. Реализирано со забавен тон и интензитет, филмот служи како потсетник за потребата да се соочи со предизвикот и да се замeни историската инертност со критичко преиспитување на сегашноста.“


 

 

Related Post