„Крадци на гулаби“ и втората вечер краткометражни филмови

ОСВРТ КОН ПЕТТИОТ И НАЈАВА НА ШЕСТИОТ ДЕН НА 9. ФФФ

Понеделникот го означи и почетокот на компетитивната селекција на краткометражни филмови на 9. Филозофски Филмски Фестивал. Во конкуренција за „Златен був“ од публиката и жирито (Наум Трајановски, Габриела Калчи Новати и Иво Бару) се наоѓаат вкупно 19 филмови. Првата вечер беа прикажани девет (9) филмови од осум (8) земји: Непал, Шпанија, Русија, Португалија, Узбекистан, Германија, Јужна Кореја и два филма од Белгија. Вечерта на краткометражни филмови беше отворена со ревијално прикажување на македонскиот краткометражен анимиран филм КРУЖНО ПАТУВАЊЕ НА МОНАХОТ од Жарко Иванов, во ко-сценарио на проф. д-р Александар Прокопиев.

Во компетитивната програма на долгометражни филмови беше прикажан четвртиот филм, бугарскиот омнибус 8 МИНУТИ И 19 СЕКУНДИ. Филмот базиран на шест (6) раскази од творештвото на современиот бугарски писател Георги Господинов ја одушеви присутната публика со едноставноста на наративната линија и суптилната плуриперспективност на темата апокалипса.

Денес на програмата на Фестивалот што истражува на подрачјето на филозофијата и 0филмот е втората вечер (18:30) од компетитивната програма на краткометражни филмови. Посебноста на селекцијата на овој Фестивал е изборот на филмовите според два критериуми: уметничкиот квалитет и филозофската релевантност и/или податливост. Вечерва ќе бидат прикажани уште десет (10) филмови од Полска, САД/Полска/Германија, Костарика/Доминиканска република/Шпанија/Португалија, Германија, Португалија, Франција, Русија, Индија и два македонски филма – КОГА НÈ НЕМА, на Стефан Палитов и ПОЧЕТОКОТ, на Агим Абдула. Ревијално ќе биде прикажана и филмската етида „Осаменост“ на Мирослав Илиќ изработена во рамките на Работилницата за филозофија и филм на Фестивалот со проф. д-р Стефан Сидовски.

Во 21:30 во терминот за компетитивната селекција на долгометражни филмови, ќе биде прикажан петтиот филм, турскиот КРАДЦИ НА ГУЛАБИ. Оваа топла приказна, првенец на режисерот Осман Наил Доган беше дел од Официјалната селекција на 24. Сараевски филмски фестивал. Филмот ја отвора темата на егзистенцијата на чесниот човек во светот којшто ретко кога е благонаклонет на добредетелните. Или, поинаку кажано: Како може еден човек да биде добар ако животот е беспоштеден и суров, луѓето се немилосрдни и себични, а светот е студен и туѓ?0

Related Post